Комисијата за заразни болести предлага полицискиот час да се скрати за еден час и да почнува од 21 часот, за Велигден и Рамазан воопшто да нема ограничување на движењето и отворање на летните тераси во сите угостителски објекти.
– Утре од Владата ќе побараме согласност за овие мерки. Да се отворат летните тераси на сите угостителски објекти, полицискиот час да се скрати и да почнува од 21 часот. За Велигден и Рамазан да нема полициски час, а угостителските објекти да работат до 20.30 часот – рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Овие мерки, тој образложи дека се предлагаат поради очигледното олабавување што се чувствува не само кај нас туку и во сите околни земји. Намален е бројот на приеми во болниците, од 200 кога сме имале најмногу, вчера имало 69 приеми во болниците, а намален е бројот на пациенти на болничко лекување.
Најголемата бројка била 1.789 хоспитализирани пациенти која сега е симната на 1.400.