Вакцините на „Астра зенека“ први ќе стигнат во земјава преку Ковакс-системот и тоа во март.
Од Ковакс околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
Дополнително од Ковакс информираат дека во првиот бран на достава на вакцината Фајзер/БНТ162б2 се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19. Од Ковакс-механизмот изјавуваат дека во идните фази на дистрибуција дози на Фајзер вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот.
Министерството за здравство потенцира дека системот е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку Ковакс-механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми, кои Македонија треба да ги добие. За таа цел, вчера во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против ковид-19 во земјата.
Во однос на вакцинирањето, како што се наведува, земјава има развиена безбедена и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.
– За вакцините за коишто е потребно одржување на стандарден ладен синџир од 2°С до 8°С се користи постојниот логистички систем. За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С се надогради постојната мрежа со обезбедување на соодветни ладилници – соопшти Министерството.
Оттаму додаваат дека системот за вакцинација е целосно подготвен. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против Ковид-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.