Рано утрово нашиот потполковник пристигна од Централноафриканската Република во Скопје. Добро го поднесе летот и сместен е на Инфективната клиника, соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска преку Фејсбук.
Шекеринска додава дека директорката на Клиниката д-р Милена Стевановиќ информирала оти потполковникот е во добра општа состојба и стабилен.
Шекеринска му посака брзо оздравување на потполковникот и се заблагодари на Инфективната клиника и на сите кои учествуваа во медицинската евакуација.
Заразениот војник беше транспортиран под посебни услови и протоколи и ќе биде во изолација, а целиот персонал на Клиниката за инфективни болести добил препораки строго да внимава и да се придржуваат кон протоколите за работа.
Потполковникот на АРМ беше донесен со медицинска евакуација откако беше тестиран позитивен за коронавирус во Централноафриканската Република, каде што учествуваше во европската мисија.