Претседателот на државата својата одлука да не дозволи ново, четврто продолжување на вонредната состојба ја образложи со тврдењето дека има доволно економски мерки донесени за следниот период, има резерви од медицински материјал, но и Владата не поднела ново барање за прогласување вонредна состојба
По завршувањето на четвртата вонредна состојба, сабота 13 јуни, нема да има нејзино продолжување, објави вчера претседателот на државата Стево Пендаровски, кој истовремено ги повика лидерите на партиите што поскоро да остварат лидерска средба за договор за датумот за одржување на изборите.
– На 30 мај оваа година донесов одлука за вонредна состојба, која истекува на 13 јуни на полноќ. Сите вонредни состојби досега ги прогласував по барање на Владата и за сите претходеше седница на Советот за безбедност. Познато е дека сите претходни ги прогласив за да се управува преку уредби со законска сила во борба со пандемијата, откако голем дел стопански субјекти престанаа со работа – рече претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање.
Тој посочи дека како претседател може и без барање на Владата да прогласи вонредна состојба, но тоа никогаш не го направил и нема да го направи, зашто смета дека ниту еден политички субјект не смее сам да одлучува.
– Нема потреба да прогласам нова вонредна состојба, има доволно економски мерки донесени за следниот период, има резерви од медицински материјал, но и Владата не поднесе ново барање за прогласување вонредна состојба. Споредбите што се прават со бројот на заразени не држат, зашто вонредната состојба не беше воведена поради бројот на заразени од коронавирусот. За карантин, полициски час и слично нема потреба да има вонредна состојба, Владата тоа може да го донесе по закон – рече претседателот Пендаровски, образложувајќи ги аргументите за својата одлука да не ја продолжи вонредната состојба.
Истовремено, претседателот истакна дека „ниту изборите не зависат од тоа дали има вонредна состојба или не“.
– Избори може да се организираат и во време на вонредна состојба, само Владата треба да напише дека изборните рокови течат и за време на вонредната состојба. Доколку се случи да организираме изборен процес кој нема да биде инклузивен, поради тоа што Собранието е распуштено, имаме иницијални елементи на уставноправна криза. Доколку не успееме да се договориме, тоа ќе значи влез во криза. Јас повикувам да седнеме уште денеска и да најдеме излез од оваа ситуација со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ – порача Пендаровски.
Потребата за одржување избори претседателот на државата ја аргументира со неопходноста од функционални институции, но и откри дека во досегашната комуникација со лидерите на партиите за одржувањето на изборите, нивните проекции за датумот се со 10-15 дена разлика.
– Државните интереси мора да бидат над личните и над партиските. Јас сум подготвен уште денеска да седнеме и да разговараме за начините за излез од кризата. Веднаш по завршувањето на ова мое обраќање, ќе остварам телефонски контакт со двајцата лидери. Знам дека поголемиот број од нашите граѓани не размислува за избори. Но избори и во време на коронавирусот се неопходни за да добиеме функционален парламент и легитимна политичка влада наместо техничка – истакна Пендаровски.
Во случај да не биде постигнат договор за датумот на избори до полноќ меѓу 13 и 14 јуни, кога истекува четвртата одлука за вонредна состојба, претседателот Пендаровски спомена сценарио и в понеделник, на пример, да прогласи вонредна состојба за неколку дена, доколку лидерите договорат датум што би бил по 5 јули.
Кратко време по вчерашното обраќање на претседателот Пендаровски беше објавено дека лидерска средба е закажана во текот на истиот ден, од 18.30 часот.