И додека производствениот сектор ги живее најтешките денови во последните неколку години, поради коронавирусот, дотогаш трговијата која се бави со прехранбени артикли, средства за хигиена и пијалоци, рапидно го зголеми својот промет, бидејќи граѓаните притиснати од пандемијата со ковид-19 речиси целокупната заработка ја трошат во маркетите.
Така повеќе од два месеци во маркетите низ Кичево гужвите се вообичаена појава, а вработените признаваат дека имаат многу повеќе работа за разлика од претходните месеци.
– Пандемијата со коронавирусот и стравот на граѓаните да не останат без некои неопходни намирници, ги присили во повеќе наврати да купуваат и многу поголеми количества од вообичаеното. Така се купуваат и артикли кои и не се трошат брзо, како паштети, сардини, брашно, производи од брашно, тоалет, средства за хигиена и др. Во изминатиот период поради зголемената потрошувачка прометот се подигна на многу повисоко ниво, а тој тренд продолжува и понатаму. Сега прометот е без осцилации, за разлика од претходно кога се бележеше зголемена потрошувачка единствено кога се исплаќаа пензиите или плата добиваше јавната администрација и некои поголеми компании во градот. Се добива впечаток како луѓето сите расположливи средства да ги трошат за храна и ретко кој размислува да зачува некој денар за сезонска гардероба или да планира летување – велат вработените еден маркет во средиштето на Кичево.
Ако прошетате низ градот ќе забележите зголемен број граѓани со торби, што е редовна појава од средината на март или од појавата на коронавирусот.
Се чини овој интензитет на промет ќе продолжи сѐ дотогаш додека трае пандемијата со коронавирусот. Граѓаните сѐ повеќе се дисциплинирани, во маркетите, на шалтерите од банките и на други места, задолжително носат заштитни маски и го одржуваат неопходното растојание кога чекаат на ред за наплата, без притоа да ги кометираат овие правила на однесување.