Петнаесетте нови позитивни тестови на коронавирус се доволна индикација дека најлошото не е поминато во однос на пандемијата, изјави вицепремиерот Бујар Османи кој денеска го посети тетовскиот регион.
Тој кажа дека оствариле воонрдна координација со заменик-министерот за здравство, со директорите на Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје во Тетово и Директорот на клиниката.
– Очигледно и покрај тоа што генералниот впечаток е дека состојбата е под контрола и дека трендот е позитивен досега, освен овој пик којшто денеска се случува, сепак констатиравме одредени слабости и во делот на почитување на индивидуалните мерки од страна на граѓаните, и во делот на комуникацијата со матичните лекари и одговорот на матичните лекари кон барањето на граѓаните – рече Османи.
Направен бил план што ќе биде презентиран денеска во Кризниот штаб и преку Комисијата за заразни болести, со цел подобрување на менаџирањето. Тој ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи во ситуација кога спласнува пандемијата на ниво на државата може да се создаде ситуација на лажна самодоверба.
– Сега е време кога треба да бидеме особено внимателни. Затоа ги повикувам граѓаните, знам дека не им е лесно, знам дека е тешко и за економијата, тешко затоа што се затворени по домовите, особено за празниците, меѓутоа издржете. Знаеме што правиме. Не импровизираме во тоа што го подготвуваме, нашите планови се научно засновани, знаеме како да излеземе од оваа ситуација само ни треба заедно да работиме со граѓаните и со сите општествени чинители вклучувајќи ги и верските заедници за да можеме да излеземе од оваа ситуација – додаде Османи.