Владата ги информира граѓаните дека мерките за лична заштита од коронавирусот и натаму остануваат на сила.
Под ова се подразбира задолжителното носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.
Носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метри меѓу граѓаните, потсетуваат од Владата.
Заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор на семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, (но во овие случаи мора да се одржува растојание од два метри). Исто така маски односно заштитна опрема не се задолжителни при патување во моторно возило на лица кои заедно живеат.
За непочитување на одлуката за носење на заштитна опрема, од 30 април предвидени се казни и тоа: во висина од 20 евра за физичките лица, а за компаниите каде не се почитуваат мерките за носење заштитна опрема за вработените и посетителите, предвидена е казна од 2.000 евра.
Владата информира дека на сила е и забраната за групирање на повеќе од две лица на јавни површини, при што во група од двајца не се вбројуваат децата под 14 години на тие лица, но овој исклучок важи само за термините кога е дозволено движење на млади лица, надвор од полицискиот час.
МВР интензивно ќе врши контроли на почитување на уредбите и одлуките донесени од Владата и секое непочитување ќе биде санкционирано согласно законските норми.