ДЕНЕСКА Е ДЕНОТ Д – КАКО ПОНАТАМУ

В сабота, на 16 мај, истекува втората одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, која првично поради кризата со коронавирусот беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена. Дали ќе се оди на ново продолжување на вонредната состојба или државата, на некој начин, се враќа во нормала?
Во изјава за „Нова Македонија“ од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат дека до овој момент кај нив не бил доставен предлог од Владата за повторно прогласување вонредна состојба.

Оттаму потсетуваат дека денеска (петок) ќе има седница на Советот за безбедност на која ќе се разгледува евентуален предлог за повторно прогласување вонредна состојба поради справување со пандемијата на ковид-19 и последиците од неа.
– По одржувањето на седницата в петок ќе имаме и подетални информации за овие состојби – велат од Кабинетот на шефот на државата.
Во меѓувреме, изминатите денови бројките од здравствените власти покажуваат намален интензитет на болеста, а почна и олабавувањето на рестриктивните мерки. Меѓутоа министерот за здравство Венко Филипче посочи дека Комисијата за заштита од заразни болести, на состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски, преку министерот за здравство ќе побара продолжување на вонредната состојба.

Како што изјави Филипче, за таквиот предлог имало повеќе причини, меѓу кои задржување на механизмите за спроведување на препораките за заштита од ширењето на епидемијата и во периодот што следува.
Во контекст на актуелните случувања, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека вонредната состојба и нејзиното прекинување или евентуално ново трето прогласување се исклучително битни за натамошниот тек на изборниот процес во државата.

Аналитичарот подвлекува дека крајниот збор во тоа дали претседателот на државата ќе прогласи нова вонредна состојба треба да го имаат здравствените власти, бидејќи тие најдобро го познаваат пулсот на теренот поврзан со здравјето на луѓето.
– Но тука мора се имаат предвид две работи поврзани индиректно со вонредната состојба и со изборите.

Првата работа е дека вонредната состојба практично е неопходна во овој момент Владата да донесе дополнителни уредби што имаат сила на закон со кои ќе се осигури непречен тек на следните избори, кога ќе биде договорен нов термин кога да се одржат. Втората работа поврзана со вонредната состојба и политичката димензија на настаните е доколку таа прекине, тогаш во сила се претходните законски решенија, што значи дека за 22 дена по нејзиниот крај ќе имаме избори – објаснува аналитичарот. Тој лично смета дека политичката димензија на проблемот поврзан со изборите најдобро ќе се реши ако што поскоро имаме избори и заврши оваа фаза на борба за превласт меѓу партиите.

Арсовски потсетува дека двете досегашни вонредни состојби беа фокусирани на справување на земјата со корона-кризата.
Според него, во првата вонредна состојба во најголем дел здравствениот одговор на државата против пандемијата беше регулиран, а во втората вонредна состојба, покрај здравствените политики, Владата со уредби се обиде да помогне за економската состојба во земјата.

Инаку, за потсетување, Македонија е пред одржување на десеттите парламентарни избори од осамостојувањето, кои беа одложени поради пандемијата на ковид-19.
Парламентарните избори беа закажани за 12 април, па одложени поради вонредната состојба и ширењето на ковид-19. Изборниот процес беше прекинат на 22 март со заклучок на ДИК, а по донесената уредба со законска сила од Владата.

[email protected]