Министерот за здравство Венко Филипче најави дека полицискиот час ќе се укине ако до 15 јуни продолжи да опаѓа бројот на заболени.
На следниот состанок Комисијата за заразни болести е можно да го укине полицискиот час кој е на сила и движењето е забрането од полноќ до четири часот наутро. Министерот за здравство вели дека следниот состанок на Комисијата ќе биде пред 15 јуни, а ново олабавување на мерките веќе се подготвува посебно откако во изминатите 24 часа во скопските клиники не бил примен ниту еден нов заболен од ковид-19 .
– Тоа е одлична информација што ја видовме утрово. Трендот е еднаков и во другите градови, нема притисок во болниците. Слeдниот состанок на Комсијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни. Веќе сме во преговори со организаторите на настани, посебно за оние настани што треба да се одржат во текот на летните месеци за подготовка на протоколите. Доколку продолжат овие бројки по 15 јуни ќе има дополнителни олабавувања на мерките, тука пред сè мислам на полицискиот час, како и на препораки за другите настани – рече тој.
И покрај паѓањето на бројките на лица на кои им треба болничко сместување, како и лица заболени од ковид-19, министерот Филипче нагласи дека здравствениот систем ќе продолжи да се подготвува за евентуален нов бран на коронавирус. Акцент стави на законските измени со кои болничките капацитети на приватните клиники се ставаат на располагање на јавното здравство доколку има потреба за тоа.