Двајца лекари ги пријавиле случаите откако се посомневале дека двајца пациенти починале по примена вакцина во Македонија, соопштија од Агенцијата за лекови МАЛМЕД. Станува збор за случајот на 53-годишен пациент кој примил вакцина на „Фајзер“, пријавен во април и 85-годишник имунизиран со „Астра зенека“ во септември.
Ова засега се само сомневања кои допрва треба да се утврдуваат преку синџир на анализи кои треба „под лупа“ да го стават и медицинскиот профил на пациентот, од што боледувал и какви лекарства земал, како што истакна раководителката во Агенцијата за лекови Мерјем Хаџихамза, која заедно со првиот човек на МАЛМЕД, Љирим Шабани, оствари онлајн средба со новинарите.
Досега се пријавени околу 240 негативни ефекти по примена вакцина, со што најголем дел од нив се вообичаени, како на пример, главоболка, вртоглавица и болка во рамото. Ова е помалку од еден отсто од сите вакцинирани, според Шабани.
Кај секој лек и вакцина постои ризик од несакана последица, а надлежните нагласуваат дека вакцините против ковид-19 спасуваат животи со тоа што го намалуваат ризикот за хоспитализаиција и смрт. Од вкупниот број на починати од ковид-19 во последните четири месеци, околу 80 отсто не биле вакцинирани, според анализите на Министерството за здравство.