Средба на лидерите на петте верски заедници споменати во Уставот се одржа денеска во Клубот на пратеници.
На покана на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, на средбата присуствуваа поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, в.д. Реисул Улема на ИВЗ Шаќир еф. Фетаху, бискупот на Католичката црква монсињор Киро Стојанов, суперинтендентот на ЕМЦ, Марјан Димов, а поради оправдани причини отсуствуваше претседателката на Еврејската заедница, Берта Романо Николиќ.
Од Комисијата информираат дека на средбата посебно се истакнала значајноста од постојаното негување на култура на толеранција, висока духовност, почит и етичност во односите меѓу конфесиите и во односите со јавноста.
Имајќи ја во предвид сериозноста на заканата од пандемијата предизвикана од коронавирусот, која сè повеќе се наметнува како глобален долгорочен проблем, верските лидери споделиле размислувања за предизвиците кои сите нè очекуваат во иднина, но и за сето она што во изминатиот период можело да се стори поинаку или, пак повеќе, како конкретен придонес во справувањето со оваа сеопшта неволја.
– Верските лидери упатија едногласен апел до сите граѓани за одговорен однос кон себеси и ближниот, а опасноста од вирусот да ја сфатат како реална и сериозна закана по животот и здравјето. Неуморниот труд на лекарите и на медицинскиот персонал при справувањето со оваа состојба е достоен за почит и пофалба, а најсоодветниот израз на благодарност за нивниот подвиг треба да се покаже на дело, со почитување на изречените мерки од надлежните институции – се наведува во соопштението од средбата.