Министерството за здравство ја информира јавноста дека ќе го набави лекот „молнупиравир“ против ковид-19. Министерството стапило во контакт со производителот на лекот, компанијата МСД, и за кратко време ќе започнат преговорите за негова набавка.
Лекот е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19.
– Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто – појаснуваат од ресорното министерство.
Од таму, сепак, укажуваат дека лекот и вакцината против ковид-19 не може да се споредуваат.
– Вакцините против коронавирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Ковид-19 брзо мутира и најголема ефикасност даваат вакцините, а целта е постигање на колективен имунитет, како би се заштитиле од новите соеви – се нагласува во соопштението.