ПАНДЕМИЈАТА ЈА МЕНУВА И ПЕРЦЕПЦИЈАТА ЗА ДЕЈСТВУВАЊЕ И ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

Колку пандемијата поврзана со ковид-19 ги принудува стопанските дејности да се преструктурираат и да дејствуваат на алтернативни начини за да ги пласираат своите продукти и услуги до граѓаните?
Оваа дилема стана актуелна кога во земјава првпат се одржува, на пример, и електронски саем на книгата.
Во меѓувреме, експертите и познавачите на интернет-бизнисите со кои се консултиравме велат дека ваквиот пример не треба да нѐ зачуди, туку постепено треба да се навикнуваме на сѐ подинамичен економски живот на интернет.

Познавачите на состојбите додаваат дека овие настани во македонската економија се поттикнати од моменталната кризна состојба со пандемијата, но тие очекуваат и по нејзиното завршување македонската бизнис-слика да се промени засекогаш и таа да продолжи да дејствува слично како во овие вонредни околности.
Писателот Владимир Ристевски, кој е истовремено и маркетинг-експерт за интернет во „Пиксел“, вели дека она што со години го зборувале со неговите клиенти на компанијата е дека веќе и онака доцниме со онлајн-платформи, кои помагаат да се премости растојанието помеѓу луѓето низ земјата или светот, а тука спаѓаат и електронски верзии на саеми, кои можат лесно да ги вмрежат вистинските луѓе само со еден клик, да им понудат на корисниците од удобноста на нивните домови со часови да ги прелистуваат сите наслови, да читаат оцени за нив, па дури и да уживаат во некој поголем попуст доколку направат поголема нарачка одеднаш.

– Како човек што доаѓа од ИТ и маркетинг-индустријата, но и како писател, сметам дека предностите на електронскиот саем се и уште поголеми доколку постои можноста и за купување електронски верзии од книгите, кои во принцип треба да се и поевтини и полесно достапни, бидејќи ги добивате во истиот момент штом ја завршите трансакцијата – резимира Ристевски.

Ветон Кодра, консултант за професионален развој и едукатор, вели дека периодов откога општеството и економијата функционираат во специфични услови, кои се должат на пандемијата на коронавирусот стана евидентно дека многу настани, а особено услуги можат да се извршуваат онлајн или виртуелно, што значително им го олеснува животот на луѓето, во избегнување физички контакт и избегнување на можноста за зараза. Дури и во одредени бизнис-кругови се покажа дека овој начин на дејствување и финансиски е ефикасен.

– Од плаќање сметки, онлајн-настава, па до реализирање на работните обврски, се покажа дека на површина излезе фактот дека некои административни/шалтерски работни места во иднина ќе бидат целосно непотребни (ако и веќе не се) – вели Кодра.
Дополнително, од македонска перспектива на случувањата, тој вели дека во нашата земја оваа транзиција ќе се одвива побавно за разлика од развиените држави и таа нема да биде комплетно во чекор со светот.
Според него, од таа гледна точка може да се каже дека периодов со сигурност е економски и бизнис-предизвик во кој сите бизниси треба да си ги одредат можностите за профит и можностите како да го фатат чекорот со развојот на состојбите, кои веќе не се традиционални во оваа смисла на зборот.

[email protected]