ИСПИТИ ВО ЖИВО ВО УСЛОВИ НА EКСПАНЗИЈА НА КОВИД-19
На Технолошко-металуршкиот факултет вчера студенти полагаа неколку испити со свое директно физичко присуство. Ова целокупно е едно ново искуство за сите нас, со ова практично учиме да се самоорганизираме и да се подобриме како наставен кадар, велат од Деканатот на факултетот
Производство на полимери. Ова е предметот што го полагаа вчера студенти од студиската програма Инженерство на материјали и нанотехнологии на Технолошко-металуршкиот факултет. Во предавалницата имаше само петмина студенти и професорката. Потребната физичка дистанца беше исполнета. Се работеше во мирна атмосфера, секој студент одговараше на зададените прашања и задачи. На влезот во просторијата имаше средство за дезинфекција, заштитни маски, ракавици и бришачи.
На Технолошко-металуршкиот факултет вчера се полагаа испити по неколку предмети. Ова е една од високообразовните институции што треба да бидат пример за тоа како треба да се организираат полагањата со физичко присуство. Она што можеше да се забележи е дека се внимава максимално на заштитата, односно дека речиси во целост е спроведен протоколот за организирање испити. На самиот влез на факултетот, чевлите мора да се дезинфицираат, а во холот, кој целиот мисира на дезинфекциски средства, на повеќе места има средства за дезинфекција на рацете.
– Ова целокупно е едно ново искуство за сите нас, со ова практично учиме да се самоорганизираме и да се подобриме како наставен кадар. Имаше исплашени студенти, на кои им беше страв да ризикуваат доаѓајќи овде на полагање, но ние како наставен кадар ги охрабруваме нашите студенти, влијаеме на нивната психа, бидејќи покрај наставата, и тоа е задача на еден професор. Точно е дека деновиве бројките на новозаразени се повисоки и нѐ загрижуваат, но ние мора да живееме со ова, мора да се навикнеме. Неопходно е работата да тече како секаде. Инаку, како деканска управа донесовме одлука до 30 септември да се завршат лабораториските вежби. Кадарот, следејќи ги искуствата од западните земји, дел од тие вежби организира онлајн – ни појасни деканката Емилија Фиданчевска.
Пред факултетската зграда, група студентки чекаа да им почне испитот. Ни рекоа дека се од Дојран и од Валандово. Рекоа дека дошле со сопствен превоз, бидејќи е ризично да се патува со меѓуградски автобуси. Студентските домови не работат, па ќе бидат принудени за секој испит посебно да доаѓаат за да го полагаат.
„Нова Македонија“ вчера објави дека и до Универзитетското студентско собрание стигнале реакции од студенти што се плашат да го ризикуваат своето здравје со одењето на испит. Претседателот на ова тело Борјан Ефтимов рече дека ваквите реакции се сосема разбирливи.
– Во однос на испитите, наш став е дека не може да се наметне начинот на полагање на професорите, но во однос на организирање на сесијата, факултетот треба да се координира со студентите, па затоа има повеќе рокови за полагање. Ако не полагаат сега во сесијата, ќе може да одберат подоцнежен датум за полагање. Сесијата ќе биде поделена на повеќе декади и ќе може да изберат датум. Ние како Универзитетско студентско собрание бараме и роковите за полагање да се продолжени по септември, за да не се случи ситуација кога студенти што не можеле да присуствуваат или од други оправдани причини не можеле да го полагаат испитот, да бидат обесправени. Бараме и ќе издејствуваме сите рокови да се продолжат до јануари – рече Ефтимов.