Владата го усвои ребалансот на Буџетот. Таа планира дека годинава ќе собере 11,5 проценти помалку приходи од она што беше планирано со Буџетот за 2020 година и за толкав износ ја намали приходната страна. Така, со ребалансот, се планираат приходи од 3,2 милијарди евра, или околу 400 милиони евра помалку од основната верзија на буџетот. Падот ќе биде резултат на помали даночни приходи за 16,2 проценти, помал износ на придонеси за 5,4 отсто, како и на други намалени приходи.

На расходната страна, пак, има зголемување од 1,4 проценти, или расходната страна се зголемува за 53,7 милиони евра. Со ребалансот, вкупните расходи ќе бидат 3,95 милијарди евра, при што платите на администрацијата не се намалуваат, а пари ќе има и за редовни пензии.

 
На расходната страна капиталните расходи ќе бидат 317 милиони евра, или за 68 милиони евра помалку од планираното, но Ангеловска вели дека нема да се пипне во суштинските проекти и дека тоа ќе биде најголема реализација во последните 10 години.