Стариот концепт на цивилна заштита според принципот „сите сме одбрана и заштита“, во Македонија беше напуштен по распадот на Југославија, а во земјава тој сега функционира преку Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување
Заканата од коронавирусот ги мобилизира армијата и полицијата во земјава за поефикасно справување со пандемијата, а во таа насока на почетокот на неделата беше воведен и полициски час. Припадниците на армијата и на полицијата, преку заеднички патроли, учествуваат во спроведувањето на рестриктивните мерки и забраните за движење, волонтерите им помагаат на загрозените граѓани, но како да недостига сегментот на цивилната заштита, која би можела да одигра активна улога во случај на масовно загрозување на безбедноста на граѓаните.
Имено, цивилната заштита во минатото била ангажирана во многу кризни ситуации, помагајќи им на безбедносните сили полесно да се справат со предизвиците. Токму цивилната заштита беше онаа што можеше во краток рок да подигне кампови со шатори, кои би биле еден вид карантин во случај на напади со биолошко оружје, да обезбеди помош при природни катастрофи, но и да се вклучи во евентуални борбени активности заедно со армијата.
Стариот концепт на цивилна заштита, според принципот „сите сме одбрана и заштита“, во Македонија беше напуштен по распадот на Југославија, а во земјава тој сега функционира преку Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Некои од експертите во делот на безбедноста сметаат дека посебните тела тешко се координираат и е потребно нивно обединување за да може да се постигне поголема ефикасност во нивното дејствување.
– Одамна се залагам за спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. На тој начин ќе се постигне подобро дејствување бидејќи преку единствена команда цивилната заштита ќе биде поефикасна – смета Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.
Тој додава дека на времето во поранешна Југославија постоела цивилна заштита, но дека и тој систем не функционирал најдобро.
– Повремено се одржуваа вежби на цивилната заштита и по секое завршување на вежбата произлегуваше понекој проблем. На една таква вежба пред повеќе години дури и загина човек – појаснува Трајанов.
Според него, подобра варијанта ќе беше прогласување на кризна состојба во земјата бидејќи на тој начин ќе се мобилизираа поголеми човечки ресурси.
– При прогласување кризна состојба ќе можеа да се ангажираат повеќе ресурси. Кај нас се прогласи вонредна состојба, па забележлива е помала вклученост на Црвениот крст и на други структури, кои би можеле да бидат ангажирани во случај на прогласена кризна состојба. Да беше прогласена кризна состојба, тогаш ќе беа ангажирани сите расположливи сили предвидени со Законот за управување со кризи и Законот за заштита и спасување – констатира Трајанов.
Поранешниот армиски генерал Митре Арсовски смета дека е направена голема грешка што се распаднал системот на цивилна заштита.
– Тоа беше систем на општонародна одбрана, во чии рамки беше и цивилната заштита и со кој беше опфатено целото население. Цивилната заштита учествуваше заедно со армијата на вежбите и беше од голема помош. Покрај тоа, командата доаѓаше од едно место и затоа и реакцијата беше брза. Сега за едно гаснење пожар треба да се добие дозвола од неколку места, за што се губи драгоцено време – смета Арсовски.
За докторот по воено-политички науки Благоја Марковски, концептот на цивилна заштита од времето на СФРЈ не може да се споредува со состојбите сега во независна Македонија.
– Станува збор за два различни општествено-политички системи. Цивилната заштита во тоа време беше организирана од месните заедници, преку претпријатијата, до државниот врв. Едноставно беше навлезена во сите пори на општественото живеење. Во таа насока имаше можност сите да бидат вклучени. Во сегашниот систем тоа е невозможно – вели Марковски.
Тој додава дека сега цивилната заштита функционира преку Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
– И овој систем е еднакво ефикасен како порано, но друг е начинот на организирање. Цивилната заштита во оној систем беше солидно организирана, но од денешен аспект е невозможна во овој општествено-политички систем – дециден е Марковски.
Според директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку, нивниот ангажман е регулиран според насоките што ги дава Главниот кризен координативен штаб, каде што се одржуваат секојдневни состаноци, на кои се прави процена на ситуацијата со коронавирусот, по што се даваат препораки и се преземаат мерки.
– Ние како ЦУК водиме точна евиденција што треба да направиме, што сме направиле и што ќе направиме во делот на нашите надлежности, што е важно заради системот на работа – појасни Буџаку.