Во Битола, наспроти инфективното одделение на Клиничката болница, интензино се работи на изградба на модуларниот ковид-центар. Денеска градежните екипи од Струга работеа на поставување на бетонската подлога на модуларната болница.
Според изјавите на градежните работници тие се убедени дека до понедленик ќе ги постават подлогите на кои ќе бидат поставени трите модуларни болници. Паралено со поставувањето на бетонските подлоги на модуларните болници деновиве интензивно се работеше и на инсталирање водоводна мрежа за ковид-центарот.
Модуларниот ковид-центар ќе има капацитет од 90 легла и треба да биде изграден за три недели. За изградба на ковид-центарот, општина Битола со oдлука на Советот издвои 40 илјади евра.
Од општината Битола велат дека ковид-центарот ќе се гради со цел да се прошират здравствените капацитети на Инфективното одделение и Клиничката болница за прием и тријажа на ковид пациентите.
Ковид-центарот ќе се состои од три модуларни градби, од кои две ќе содржат интегриран тријажен центар со стационар, а една ќе биде со независен тријажен центар.
Модуларниот ковид-центар, кој ќе биде изграден на површина од илјада квадратни метри, ќе биде со капацитет од 90 кревети.
– Со изградбата на модуларниот ковид центар ќе се добијат најсовремени услови за третман на пациентите, со се што е потребно, вклучувајќи ренген и ехо апарати, а здравствениот персонал ќе може уште подобро да ја извршува својата работа, велат од Клиничката болница. М.М.