Министерството за здравство информира дека, поради долгорочните последици кои ги остава инфекцијата со коронавирусот и заради се поголемата потреба за рехабилитација на пациентите кои прележале ковид-19, Институтот за физикална медицина и рехабилитација со поддршка на министерството подготви еден оддел кој е наменет за пациенти за пост-ковид рехабилитација.
Досега, Институтот имаше само индивидуални барања од страна на пациенти кои се третираа амбулантски, но од неодамна оваа јавно здравствена установа во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје и ГОБ „8ми септември“ започна со организиран болнички пристап за рехабилитација на пациенти кои прележале ковид-19 и согласно тоа, заедно со специјалисти инфектолози од Клиниката и болницата, Институтот веќе спроведува конзилијарни прегледи од страна на специјалисти физијатри.
– Овие пациенти кои со денови, некои и недели биле хоспитализирани заради Ковид-19, се соочуваат со потешкотии и во дишењето и во движењето, кои побрзо и полесно се надминуваат со стручна помош, во смисла на респираторни вежби и физикални вежби за нивно враќање кон нормалните животни активности. Она што досега го гледаме како резултат од рехабилитацијата е исклучителен напредок кај овие пациенти. Некои доаѓаат во колички, неподвижни, изнемоштени, а по само две недели веќе одат самостојно, без помагала. Со ова, практично, одиме чекор понатаму во грижата за пациентите со ковид-19. Се грижиме не само за превенција, со вакцините кои се во најава и лекување, туку и рехабилитација која е навистина важен сегмент од секој напреден здравствен систем – потенцира министерот Филипче.
Процесот на рехабилитација се спроведува согласно најновите протоколи за рехабилитација на пост-ковид пациенти од страна на тим од специјалист физијатар, специјалист интернист и физиотерапевти со долгогодишно работно искуство, кои за секој пациент пристапуваат индивидуално, согласно функционалната состојба на пациентот.
– Рехабилитацијата на овие пациенти трае различно, во зависност од тежината на клиничката слика и последиците кои болеста ги оставила кај пациентот, но во просек од 2 до 4 недели. Најголемиот дел од пациентите покажуваат значително подобрување на респираторната функција, олеснување на анксиозноста и депресијата, намалување на компликациите, намалување на попреченоста, побрза вертикализација и оспособување за побрзо и поефективно враќање кон секојдневните животни функции – истакнува д-р Маја Манолева, директорка на Институтот за физикална медицина и рехабилитација и додава дека пациентите кои досега престојувале во Институтот покажуваат огромен напредок и подобрување.
Пациентите кои биле лекувани во домашни услови или се веќе испишани од инфективните одделенија, но се уште чувствуваат слабост и имаат проблеми со компликациите од болеста можат да се јават на преглед во Институтот преку Мој термин, но и преку амбулантите во установата, со цел да бидат упатени за понатамошна амбулантска или болничка рехабилитација.
Дополнително, Институтот веќе е во комуникација и со дел од општите болници низ државата за пренесување на искуствата и едукација на кадарот од тие болници со цел нивно понатамошно вклучување за рехабилитација на овие пациенти.