Македонската полиција започна со проверки на терен, за да утврди дали се почитуваат владините препораки за заштита од коронавирусот, а Јавното обвинителство ги постави за приоритетни предметите што се однесуваат на загрозувањето на јавното здравје
Откако самоизолацијата беше посочена како најефикасна мерка против ширењето на ковид-19
Македонија, како и целиот свет функционира во услови на вонредна ситуација, при што властите прават сѐ што е во нивна моќ за да го забават ширењето на коронавирусот, за што, се разбира, се неопходни и граѓанска послушност и пожртвуваност. Голем е бројот на лица што биле во контакт со веќе заразени од ковид-19, па поради тоа, тие мора да го почитуваат правилото за самоизолација. Доколку по истекот на самоизолацијата, лицата се во добра здравствена состојба, истите тие му се враќаат на нормалниот живот, односно на она малку нормално што остана овие денови. Меѓутоа, сите луѓе не се придржуваат кон самоизолацијата. Секојдневно расте бројот на граѓани што не издржале во самоизолацијата и со тоа го прекршиле законот во услови на епидемија.
Македонската полиција започна со проверки на терен, за да утврди дали се почитуваат владините препораки, а Јавното обвинителство ги постави за приоритетни предметите што се однесуваат на загрозувањето на јавното здравје.
Едно лице од Охрид заработи кривична пријава поради постоење сомнение за сторено казнено дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемии. Секторот за внатрешни работи во Охрид, поднесе кривична пријава против А.М. (63) од Охрид, бидејќи и покрај тоа што се вратил од Холандија и потпишал изјава дека ќе биде во самоизолација, полициските службеници не го нашле дома.
Кривична пријава заработија и петмина битолчани и четворица прилепчани, поради непостапување според здравствените прописи. Тие и покрај тоа што дошле од земји со висок ризик, сепак, не ги почитувале препораките за самоизолација.
Две лица од Гевгелија добија парична казна во висина од по 100 дневни глоби, или вкупно 123 илјади денари, поради сторено кривично дело непостапување според прописите за време на пандемија, предвидено и казниво по членот 206 од Кривичниот законик. Двете лица на 13-ти месецов, со авион допатувале од Германија, која важи за земја со висок ризик на зараза, на меѓународниот аеродром во Скопје. И покрај тоа што добиле инструкции за четиринаесетдневна изолација, тие не ги почитувале и контактирале со повеќе лица.
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава и за 53-годишно лице од Пласница. Тој во земјава влегол на 16-ти месецов на граничниот премин Табановце. Таму потпишал дека ќе биде во самоизолација, полицијата по два дена го фатила во автомобил на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод. Во Кавадарци, пак, лице што, исто така, требало да биде во самоизолација, заминало на утовар на стока во Струмица. Јавниот обвинител и за него одлучи да добие парична казна од 50 дневни глоби.
СВР-Куманово поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство против Н.Т. (39) и Н.К. (50) од Куманово, поради непочитување на здравствените прописи за време на епидемија.
– Н.Т. враќајќи се од Италија, како високоризична земја утврдена на листата на Светската здравствена организација, влегол во земјава преку граничниот премин Ќафасан, при што потпишал изјава за спроведување самоизолација во времетраење од 14 дена. При извршена контрола од страна на полициски службеници тој не бил пронајден на адресата што ја навел во изјавата – информираа од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму додаваат дека и лицето Н.К., иако потпишало изјава за самоизолација бидејќи се вратило од Австрија, сепак, не било пронајдено на наведената адреса.
И мајка и ќерка од Струмица заработија кривични пријави, затоа што не биле во самоизолација. Тие биле пресретнати од полициски службеници во обид да го напуштат објектот каде што требало да бидат во самоизолација и биле предупредени да ги почитуваат препораките. Двете дури започнале и вербална расправија со полицијата.
Уапсен беше и педесет и седумгодишниот В.Џ. во Добридол, Гостиварско, затоа што и покрај препораките, неговата кафетерија била отворена и внатре имало 12 гости.
Откако беа објавени препораките за граѓаните да избегнуваат јавни места и собири во поголеми групи, полицијата не здивна. Препораките не беа почитувани, па властите беа принудени да ги затворат кафулињата и другите локали. И ова не беше доволно, па младите почнаа да се собираат на Водно, каде што полицијата мораше да интервенира.
Слична е состојбата и во другите земји. Во Грција, 150 лица беа уапсени поради прекршување на превентивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. И покрај воведените забрани, полицијата открила отворени фризерски салони, гостилници, кафулиња и ресторани.
Се апси и во Бугарија поради непочитување на препораките. Четири лица беа уапсени поради непочитување на мерките за карантин, а полицијата во Софија мораше да интервенира во затворање ноќни клубови.
Непочитување на самоизолацијата има и во Србија, каде што мораше да се воведе полициски час, за да се воспостави ред на улиците.