Теренската имунизација во населените места започна, според најавите од Министерството за здравство. Во Прилепско вакцинација на терен ќе се врши до 14 часот во 12 населени места. Според распоредот, теренска вакцинација ќе има во населените места Ропотово, Пешталево, Секирци, Рилево, Браилово, Г.Радобол, М.Радобил, Тројаци, Топлица, Ракле, Никодин и Царевиќ.
Процесот за теренска вакцинација е организиран во соработка со прилепската болница, локалната самоуправа и месните заедници, велат во соопштението од Министерството за здравство, кое најавува дека секојдневно ќе информира за денот и местата за теренско вакцинирање за ковид-19.
Инаку, од денеска непречено секој кој сака, само со документ за лична идентификација, ќе може да се вакцинира на пунктот во спортската сала во Прилеп вели Кети Смилеска, директор на прилепската болница. На располагање на прилепчани им се вакцините „Астра зенека“ и „Синовак“.
Во Прилеп досега се вакцинирани околу 15 илјади граѓани, од кои околу 5.000 комплетно ја завршиле имунизацијата со втора доза. Ка.М.