Премиерот Зоран Заев денеска се вакцинираше против коронавирус, на пунктот во спортската сала „Борис Трајковски“.
Тој се вакцинираше со првата доза на кинеската вакцина на „Синофарм“.
– Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда во попладневните часови – истакна Заев.
Тој ги повика граѓаните да се вакцинираат, потенцирајќи дека вакцините се безбедни.
Вчера се вакцинирале 9.123 граѓани
Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата и дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.
– На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 74.076 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.963 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.123 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 92.253 граѓани. Со последните бројки 25% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина – соопшти министерството.
Оттаму додаваат дека вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата вакцинација.мк а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата, и тоа во А1 арената СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортсите сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на веб-страницата „вакцинација.мк“ бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.