Фото: Игор Бансколиев

Уставниот суд молчеше за Законот за ратификација на Договорот од Преспа, за воведувањето на двојазичноста и за уште редица други суштествени прашања за државата. Од друга страна, судот е експресно брз кога треба да одлучува за своите права и интереси. Така, само за неколку дена, отвори постапка и донесе одлука за поништување на уредбата со законска сила за намалување на платите на функционерите, судиите, обвинителите на 14.500 денари. Како гледа на ова стручната јавност и какви се странските искуства

СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ ЗА ПОСЛЕДНАТА ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД

Последната одлука на македонскиот уставен суд, кој се изјасни против намалувањето на платите на администрацијата, но и на судската власт, ги зовре реакциите на стручната јавност. Уставниот суд, кој со години седеше во длабока сенка и не се изјаснуваше за редица суштествени прашање, како воведувањето на двојазичноста, промената на името на државата, прогласувањето на вонредната состојба итн., сега, кога станува збор сопствениот џеб, реагира експресно. Меѓу другото владината мерка за намалување на платите, како знак на солидарност, но и помош за економијата, се однесуваше и на судската власт и, секако, на Уставниот суд.
Стручната јавност со која се консултиравме, универзитетски уставни професори и долгогодишни судии што раководеле со највисоките судски инстанци во земјава, констатира дека ова експресно дејствување на Уставниот суд по многу нешта се разликува од случаите кога овој суд требаше да се изјасни за голем број исклучително битни процеси што со години се актуелни во земјата.

Универзитетската професорка по Уставно право д-р Тања Каракамишева-Јовановска вели дека Уставниот суд одамна ги изгуби кредибилитетот и епитетот на вистински чувар на Уставот и на уставноста и на законитоста во државата.
– Уставноправниот систем во најголем дел е оставен на милост и немилост на политиките и на дејствата што ги презема власта без контролен механизам, кој мора по службена должност да се активира во услови кога е повреден Уставот или кога се повредени законите. Гледаме дека Уставниот суд во сите конкретни и клучни за државата случаи кога е флагрантно повреден Уставот од страна на власта или се прогласува за ненадлежен или одлучува да не поведе постапка иако има голем број елементи што мора да бидат ставени како предмет на контрола – вели Каракамишева-Јовановска.

Професорката во контекст на настаните забележува пример кога, според неа, Уставниот суд молчеше за Законот за ратификацијата на Договорот од Преспа иако со овој договор беа повредени Уставот и Законот за склучување меѓународни договори, како во делот на надлежноста, така и во делот на органот што е надлежен да склучува ваков вид договори.
– Уставниот суд не се изјасни ниту за уставноста на Договорот од Преспа, нешто што мораше да го направи како одговорен орган. Не се изјасни за надлежен орган ниту по однос на уставните амандмани донесени врз основа на Договорот од Преспа. И додека нивните колеги од Албанија, Хрватска, Словенија и други уставни судии поништуваат уставни амандмани спротивни на Уставот, нашиот Уставен суд се чини рутински во вакви случаи се прогласува за ненадлежен.

Од друга страна, гледаме дека судот е експресно брз кога треба да одлучува за своите права и интереси. Така, пред два дена само за неколку дена отвори постапка и донесе одлука за поништување на уредбата со законска сила за намалување на платите на функционерите, судиите, обвинителите на 14.500 денари. Судот во брзопотезна постапка го отвори прашањето и го затвори со поништување на уредбата, со што дополнително фрли сомнеж кај јавноста за нивната независност и политичка непристрасност кога станува збор за нивната работа и одлучување – вели Каракамишева-Јовановска.
Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев во својот осврт за актуелните настани вели дека тој смета дека конкретната одлука на Уставниот суд не е правно основана, водена е од личен мотив и е избрзана.

– Според мене, овие одлуки на Уставниот суд, кои се однесуваат на постапката за поништување на уредбата за намалување на платите на функционерите за време на пандемијата, не држат вода поради неколку причини. Првата е бидејќи со нив не се врши влијание врз судската независна власт, бидејќи со оваа уредба не е намален судскиот буџет, туку се намалени примањата. Тука стигнуваме до вториот сегмент, кој вели дека секој судија со именувањето на неговата функција, па дури и оние од Уставен суд се стекнуваат со права од Законот за работни односи. Во оваа група на права влегуваат правото за лични приходи, правото за надоместоци, за годишен одмор и други. Со намалување на личниот доход не е извршено влијание врз судската власт туку е направена корекција на Законот за работни односи – вели Илиев.

Тој додава дека ако аргументите на судиите се издржани, зошто тие на ваков начин се дистанцираат од сите граѓани и сегменти на ова општество.
– Во пандемијата, работи изгубија многу работници, плати им беа намалени на многу државни именувани функционери, дополнително работниците во приватниот сектор ги трпат најголемите притисоци. Која е логиката судиите и пратениците да бидат изземени од овие настани, тие се независен столб на државата, но не се посебна власт. Кога плаќаме даноци на земјата, нема посебна сметка за плаќање данок на судската велат, бидејќи не се тие одделени во владеењето од сите други – резимира Илиев.


Како пресудил Судот на правдата на ЕУ

Властите во Португалија во 2014 година, соочувајќи се со дефицит во тамошниот буџетот, одлучуваат, слично како сега Македонија во време на пандемијата, да ги намалат платите на судиите, пратениците и јавните функционери.
Слично како и во нашиот случај, и тамошната одлука била обжалена од судската фела, а целиот процес финиширал во Судот на правдата на ЕУ четири години подоцна, во 2018 година.

Имено, со одлука на судот Ц-64/16 од 27.2.2018, Европскиот суд на правдата прифатил дека намалувањето на платите на судиите во Португалија не значело мешање во независноста на судската власт, односно во пресудата на овој суд е забележано дека тоа е така сторено со оглед дека оваа мерка не целела само судиите туку таа се однесувала и на други функционери во рамките на јавниот сектор, вклучувајќи и претставници на извршната и законодавната власт, и била насочена кон исполнување на обврската за намалување на буџетскиот дефицит.