Дали Македонија има изградено своја стратегија за дејствување во време кога владее пандемијата на коронавирусот е тема што е актуелна во домашната јавност.
Од Владата во одговор за „Нова Македонија“ информираат дека во согласност со предупредувањето на Светската здравствена организација и на Секторот за контрола и превенција на заразни болести при Институтот за јавно здравје, како и на Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство, по задолжение од Владата, веднаш формира организиран институционален систем за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на коронавирусот ковид-19. Главниот координативен кризен штаб се состанува на дневна основа, претпладне, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, веднаш по одржувањето на состанокот на Комисијата за заразни болести.
Властите додаваат дека, со оглед на фактот дека се работи за сѐ уште недоволно познат вирус, ЈЗУ Институт за јавно здравје, преку Комисијата за заразни болести, максимално ги следи препораките на Светската здравствена организација за следење, надзор и спречување на ширењето на коронавирусот.
– Редовно и внимателно се следи, проучува, анализира и евалуира епидемиолошката состојба и соодветно се преземаат сите препораки на СЗО. Утврдени се оперативни планови, протоколи и стручни упатства за спречување и сузбивање на коронавирусот. Подготвени се и оперативни планови при појава на зголемен број заразни заболувања или епидемија, со противепидемиски мерки и активности за целата здравствена дејност. Министерството за здравство и ЈЗУ Институт за јавно здравје (Комисијата за заразни болести) се во постојана и интензивна комуникација и со меѓународни институции, организации и тела што ја третираат оваа проблематика на глобално рамниште – се вели во одговорот до нашиот весник.
Од Владата додаваат дека за сите мерки граѓаните редовно и транспарентно се информираат.