ЛЕКАРИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ – ЛЕКОТ НИКАКО ДА НЕ СЕ ЗЕМА НА СВОЈА РАКА

Цената на лекот во ампули (4мг/1мл), кој се користи при болничко лекување, чини 21 денар во аптека. Десет таблети „дексаметазон“ од 0,5 мг чинат 35 денари, а на рецепт само 10 денари. Овој евтин и широко достапен лек никако не смее да се купува и да се зема на своја рака

Граѓаните не смеат да го купуваат и да го користат лекот „дексаметазон“ на своја рака, како што беше случајот со лекот „сумамед“. Овој евтин и достапен кортикостероид, за кој британски научници открија дека може да помогне во лекувањето заболени од ковид-19, се дава исклучиво при болничко лекување на пациентите, и тоа не на секој пациент, предупредуваат докторите, кои истакнуваат дека никако не смее да се користи и да се употребува без строг лекарски надзор.
Пред два дена беше објавено дека британски истражувачи откриле оти одредена доза „дексаметазон“, може да помогне во спасувањето животи во битката со коронавирусот. На почетокот на епидемијата во Македонија аптеките беа испразнети од лекот „сумамед“, кој граѓаните го купуваа зашто беше објавено дека помага во лекување заболени од коронавирусот.

– Тоа е кортикостероид, со релативно брзо дејство. Се дава само во одредени случаи каде што се очекува бурна реакција на имуниот одговор кон вирусот, за да го намали воспалението. За да се употреби овој лек, потребно е претходно да се видат клиничка слика, лабораторија, за во одреден момент во болеста, лекот да може да го спаси пациентот. „Дексаметазон“ се употребува само во болничко лекување, односно само во интензивна нега. Реално тој го намалува воспалението, но не смее да го прима здрав пациент, бидејќи ќе го направи болен – објаснува микробиологот д-р Никола Пановски.

Тој нагласува дека лекот нема никаков ефект на вирусот, туку има ефект на реакцијата, која кога е многу бурна, може да направи оштетување на организмот.
– На некој што има лесни симптоми, ако употреби „дексаметазон“, наместо да му помине, со овој лек состојбата ќе му се влоши затоа што ќе му ги намали одбранбените сили – додава Пановски.

Неофицијално, лекот веќе се користи во одредени случаи при третманот на пациенти на нашата Клиника за инфективни болести и дава добри резултати.
Д-р Весна Стојанова Атанасовска истакнува дека без соодветна консултација, лекот може да предизвика многу други дополнителни здравствени проблеми.
– Ниту еден лек што го кажуваат на телевизија, не е лек што секој може да си го земе на своја рака. „Дексаметазонот“ е кортикостероид, кој покрај тоа што ако во болничко лекување помага како алтернатива, тој, ако е употребен во домашни услови без консултација, може да предизвика милион други здравствени дополнителни проблеми.

Нема да апелирам, туку едноставно, забрането е да се зема на своја рака. Ова е кортико, ова може да влијае на срцето, на крвните садови, на белите дробови. При болнички третман може да даде добри ефекти онаму каде што давањето на лекот е контролирано од респираторни, оксигенатор, кога пациентот е под контрола и на машини, зашто во спротивно ќе направи проблеми – вели д-р Стојанова Атанасовска.
Многу влијае, додава таа, и начинот на кој лекот се прима, дали венски, мускулно, во таблети или со инхалација, па ако не е даден соодветно, проблемите што може да се случат се многубројни.

Според британските научници, со употребата на овој лек за една третина може да се намали бројот на смртни случаи од ковид-19. Станува збор за клиничко истражување што започнало во март, во кое научниците од универзитетот „Оксфорд“ ја испитуваат ефективноста на постојните лекови во борбата против коронавирусот.
Лекот се користи во лекување неревматски, алергиски и кожни болести, како и заболувања на очите, органите за варење, органите за дишење, бубрезите, при реакција на отфрлање по пресадување органи, но и при некои облици на рак.
– Ова досега е единствениот лек за кој се покажа дека ја намалува смртноста, и тоа значително – изјави за Би-би-си проф. Петер Хорби од универзитетот „Оксфорд“, кој го водел клиничкото истражување со „дексаметазон“.

Во истражувањето биле вклучени 2.000 пациенти во болниците, кои примале „дексаметазон“, како и 4.000 пациенти што не го примале тој лек. Кај пациентите на респиратор, лекот го намалил ризикот од смртност од 40 на 28 отсто. Кај оние што примале кислород ризикот од смрт бил намален од 25 на 20 отсто. Сепак, лекот „дексаметазон“ не е ефикасен во поблаги случаи на ковид-19.