Министерот за здравство, Венко Филипче денеска оствари средба со германската амбасадорка Анке Холштајн, по повод обезбедената помош од Амбасадата во справувањето со пандемијата од ковид-19.

Како што информираат од ресорното министерство, станува збор за осум респираторни апарати, тип Дрегер Евита В 600, кои имаат модул и за инванзивна и за неинванзивна нега.

„Со оваа донација, се зајакнуваат капацитетите на јавните здравствени установи во земјава. Вкупната вредност на донацијата изнесува над 230 илјади евра, а истата е обезбедена преку Сојузната организација за техничка помош THW“, се наведува во соопштението.

Амбасадорката истакна дека медицинските апарати доаѓаат во вистинско време, кога е потребна помош.

– Оваа донација е по иницијатива на сојузната Влада за време на германското претседателство во советот на Европската Унија, за помош на државите од Западен Балкан при пандемијата од ковид-19. Со оглед на актуелните состојби, главен акцент на нашето претседателство е справување со пандемијата и нејзините последици. Овде, во регионот на Западен Балкан сакаме да покажеме дека нашите партнери при борбата можат да се потпрат на нас. Германија досега го поддржува регионот со 15 милиони евра. Освен тоа, Европската Унија помага со 3,3 милијарди евра во кои Германија учествува со скоро една третина. Вкупната вредност на донацијата е 233 илјади евра, а се имплементираше преку германската сојузна агенција за цивилна заштита THW – потенцираше Холштајн.

Министерот Филипче се заблагодари на Амбасадата на Германија за континуираната помош и досегашната успешна соработка во справувањето со коронавирусот.