Владата воведува платежни картички, ваучери, како и парична помош за граѓаните кои се погодени од коронавирусот. Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, посочи дека ова е директна поддршка за стопанството, но и социјално загрозените семејства, лицата кои ја изгубиле работата, младите. Прва од презентираните мерки, од третиот сет на Владата е платежната картичка со 9 илјади денари со кои може да се купуваат македонски производи.
– Воведуваме платежни картички за граѓаните, за поголема потрошувачка и за развој на домашните дејности. Како прво, околу 100 илјади граѓани на нашата земја ќе добијат платежна картичка вредна 9 илјади денари за македонски производи и услуги. Оваа мерка е достапна за сите невработени лица, баратели на работа, кои немаат над 15 илјади месечни приходи, како и приматели на гарантирана минимална помош. Со оваа мерка се зајакнува домашната потрошувачка, се зголемуваат безготовинските плаќања и се зголемува куповната моќ на граѓаните и се олеснува животот. Оваа платежна картичка може да се користи само за домашни компании, производи и услуги во период од 30 дена. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра – кажа Спасовски.
Во третиот сет мерки кои се усвоени се и ваучерите за поттикнување на домашниот туризам. Односно, Владата одлучила граѓаните да добијат 6 илјади денари за летување и платежна картичка од 3 илјади денари. Техничкиот премиер Спасовски ги кажа и условите.
– Околу 100 илјади наши граѓани, ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6 илјади денари и домашна платежна картичка од 3 илјади денари. Граѓаните ќе можат да се одморат и да летуваат дома, а со тоа ќе го зајакнеме и домашниот туризам. Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15 илјади денари месечно и немаат други приходи во 2018 година според УЈП, по годишната даночна пријава, да потврдиме која година треба да биде тоа. Ваучерот може да се користи во домашните хотели и другите сместувачки капацитети, додека со платежната картичка поттикнуваме купување на домашни производи и услуги – рече Спасовски.
За младите се предвидува парична поддршка од 6 илјади денари и картичка со 3 илјади денари за кофинансирање на обуки за информатички вештини.
– Следува мерката парична поддршка за млади до 6 илјади денари, платежна домшна картичка од 3 илјади денари и ваучери за кофинансирање за обуки за ИТ и дигитални вештини. Ова е силна поддршка за младите за да продолжи образовниот процес непречено и за да се обезбеди куповната моќ како придонес кон студентскиот и ученичкиот стандард. Мерката опфаќа ваучери од најмногу 6 илјади денари за покривање на партиципација на универзитет или за сместување во ученички домови во регистрирани капацитети, за студенти и средношколци кои домаѓаат од семејства со ниски приходи. Мерката вклучува и платежна картичка за млади во вредност од 3 илјади денари за домашните производи и услуги – додаде Спасовски.
Владата едногласно одлучила да спонзорира и тренинзи и обуки на млади, со ваучери од 30 илјади денари.
– Воведуваме и ваучери од 30.000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини за млади. Со покривањето на трошоците за тренинзи и обуки, ги поддржуваме младите да стекнат знаење и вештини од информатичка технологија кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија. Оваа мерка ќе опфати 100 илјади млади сограѓани, во вредност од 12 милиони евра – соопшти техничкиот премиер.
Уште една од низата мерки во третиот сет и „викенд без ДДВ“, мерка, која ќе треба да донесе 20 милиони евра во стопанството.
– Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани. Преку поевтини цени за граѓаните, поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како продавници за гардероба, бела техника, санитарија, школки прибор и книги. Очекуваме и дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство – кажа Спасовски.
Помош е предвидена и за лицата кои останале без работа.
– Паричен надоместок за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020 година. Со оваа мерка сите лица кои ја изгубиле својата работа, вклучувајќи ги и оние кои го прекинале работниот однос преку спогодба или писмена изјава, ќе добиваат надоместок – кажа тој.
За овие мерки, Владата предвидела 355 милиони евра.
– Сите три пакети за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарноста и креирањето амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот. Оваа определба ја задржавме и во третиот сет мерки, па така, нашето внимание е целосно насочено кон граѓаните, со нагласка на невработените лица, социјално ранливите категории, домаќинствата со ниски примања, вработените во јавниот здравствен сектор и граѓаните од други категории. Вредноста на мерките од третиот пакет изнесуваат 355 милиони евра и прек нив ќе бидат опфатени 730 илјади корисници. Со овој пакет, вкупната помош за економијата од трите сета на мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5,5% од бруто домашниот производ – кажа Спасовски.