Во периодот од 29 ноември до 5 декември тестирани се вкупно 16.948 материјали во лабораториите во кои се спроведуваат молекуларно и антигенско тестирање за присуство на САРС-ЦоВ-2, со намалување од 9,8 отсто во однос на минатата недела.
Во извештајот што денеска го објави Институтот за јавно здравје се наведува дека во овој период регистрирани се 2.275 нови позитивни случаи од 35 града во државата, со намалување од 17,3 отсто во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7,8 до 19 проценти, просечно 13,1 отсто. Повеќето од регистрираните случаи се од Скопје (н=1.000; 43,9 отсто) со неделна инциденца – 157,7/100.000. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово – 324,6/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (н=92; четири отсто). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи.
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.215 (53,4 отсто) лица од женски и 1.060 (46,6 отсто) од машки пол.
Статус оздравени стекнале 2.540 лица што биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 40 реинфекции, со намалување од 9,1 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 68 смртни случаи во 18 града во текот на изминатата недела, со намалување од 30,6 отсто во однос на претходната недела. Повеќето од нив се од Скопје (27). Во однос на возраста, најголем број (н=54; 79,4 отсто) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50 до 59 години (10), од 40 до 49 години (1) и од 30 до 39 години (3).