Скопското основно јавно обвинителство поднесе предлог за парични казни против двајца браќа од Сарај, на возраст од 24 и 26 години, заради кривични дела – непостапување според здравствените прописи и фалсификување исправа.
Иако со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, од 5 април на двајцата обвинети им била определена задолжителна изолација и лекување во домашни услови како заболени од Ковид-19, тие на 7 април со лет од скопскиот аеродром се обиделе да ја напуштат државата.
Притоа, пред службените лица на аеродромот прикажале лажни потврди за негативен ПЦР тест за коронавирус, наводно изработен од лабораторија во Скопје, на истиот ден кога всушност добиле позитивен резултат.
Надлежниот јавен обвинител му предложил на Основниот кривичен суд Скопје секое од сторените кривични дела да го санкционира со парична казна од по 50 дневни глоби во вредност од по 40 евра, односно на двајцата сторители да им изрече единствени парични казни од по 90 дневни глоби со поединечна висина на дневната глоба од 40 евра (вкупно 3.600 евра) во денарска противвредност.