Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека ќе се укине забраната за извоз на брашно. Тој кажа дека од почетокот на пандемијата на коронавирус, Македонија немала проблеми со снабдување со брашно.
– Од почетокот на оваа пандемија, Северна Македонија немаше големи проблеми со снабдување на брашно за граѓаните, ниту зголемување на цените на брашното. Ние донесовме одлука за замрзнување на цената на основните прехранбени продукти со што овозможивме да се заштитат граѓаните од ценовни шокови. Сакам да ја информирам јавноста дека согласно сите податоци кои што ги имаме оваа индустрија работи одлично во моментов има доволно залихи на брашно, посебно откако Србија повторно дозволи извоз на пченица. Во таа насока Министерството за економија работи на измена на Уредбата со која беше забранет извоз на пченица и брашно во други земји, повторно да биде дозволено. Со тоа се овозможува оваа индустрија повторно да може да ги извезува своите производи – информираше министерот Бектеши по состанокот со мелничарите.
Претседателот на здружението на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ, истакна дека во почетокот на кризата со Коронавирусот се создаде зголемена побарувачка на брашното, со самото тоа се зголемија и цените на пченицата на светско ниво и во опкружувањето. Но тој истакна дека нема потреба за создавање на паника кај граѓаните бидејќи има доволно залиха кај граѓаните.
– Залихите се доволни, нема потреба за паника за тоа, извозот на пченица од Србија во регионот е дозволен и нема проблем со транспортот. Имавме мала правна блокада со Уредбата која што ја донесе Владата, но еве во разговор со министерот добивме уверување дека тоа ќе се реши – истакна Малишиќ.