Првата пратка вакцини против ковид-19 која во Македонија требаше да дојде од соседна Србија нема да пристигне денеска, како што претходно беше најавено.
Предавањето на вакцините беше закажано на граничниот премин Табановце, а српскиот претседател Александар Вучиќ требаше да ги достави вакцните, но сега е одложено.
Пратката требаше да ја пречекаат премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.
– Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за утре на граничниот премин Табановце се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме – стои во дописот од Министерството за здравство.
И од кабинетот на српскиот претседател, Вучиќ, објавија дека предавањето на вакцините се одложува поради дополнување на техничката документација.