Со направени 8.287 теста на милион жители, земјава во моментов е една од државите со најмалку направени тестови за ковид-19 во регионот. Зад нас се Бугарија, Албанија и Грција, додека Словенија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина предничат по бројот на направени тестови на милион жители.
Министерот за здравство, Венко Филипче, претходно тврдеше дека потребата за правење тестови се намалила, бидејќи во здравствените институции се јавуваат се помалку пациенти со симптоми на коронавирусот за тестирање.
Во последниве денови опозицијата обвинуваше дека намалениот број тестови се должи на фактот што Владата се подготвува за избори, па оттаму сака да прикаже и помал број заболени. На денешната прес-конференција, министерот Филипче категорично ги отфрли овие тврдења.
– Дискутиравме утринава и на состанокот на Комисијата за заразни болести, Институтот и Центарот за јавно здравје пристапува кон правење на план за скрининг на лица за кои се смета дека се во некои критични категории, со оглед на слободниот капацитет кој сега го имаме во лабораториите. Како одминува оваа фаза од епидемијата, се наметна потребата да се надгради стратегијата, која досега даде исклучително добри резултати и тоа што сега имавме намален број тестирања е тоа што сакавме да го постигнеме, затоа што тестиравме пациенти кои имаат симптоми, што е доказ дека се намалува бројот на активни случаи – изјави тој.
Во наредниот период вирусот ќе се детектира во групи на граѓани каде што би било можно да има асимптоматски носители, со цел тие да бидат третирани на начин на кој ќе препорача Комисијата за заразни болести.
– Ако успееме да детектираме групи на асимптоматски носители, одредени мерки може да важат само за нив. Во текот на денот веќе беа изработени одредени протоколи и ако бидат прифатени од целата комисија, истите ќе ги обелодениме. Согласно сегашните критериуми, веќе никој не чека за тестирање, па затоа преминуваме во нова фаза каде стратегијата ќе се надгради – рече Филипче.