Економските последици од коронавирусот како стимул за општествена развојна стратегија
Многумина експерти се согласуваат дека „македонското општество создава нископродуктивни работни места, а и фискално скапи“. Оваа состојба во целина влијае врз економските перформанси, така што компаниите честопати имаат тешкотии да вработат лица со вистински вештини. Тоа наедно го отвора и прашањето за релевантноста на образованието, кое не може да одговори на потребите на пазарот. Од друга страна, честопати досега слушавме дека Македонија има недостиг од човечки ресурси поради што настануваат проблеми во планирањето и менаџирањето на проектите и инвестициите, а овој проблем добива уште поголемо значење со започнувањето на преговорите за членство на Македонија со Европската Унија, бидејќи ќе се соочиме со недостиг од професионален кадар што ќе треба да ги реализира потребните реформи и општествени промени.
Спиралата на општествените предизвици
Но општествените тешкотии не завршуваат тука. Низ минативе годините слушавме критики дека Македонија има лоша структура на јавните расходи во која големо учество имаат платите и социјалните трансфери, а негативните ефекти на ова комплексно прашање особено ги чувствуваме во овој период поради епидемијата на коронавирусот. Експертите честопати предупредуваат дека капиталните инвестиции имаат мала застапеност во буџетот и дека е потребно преиспитување на јавните расходи преку давање приоритет на инфраструктурата и енергетиката. Во последната деценија се зголеми учеството на инвестициските фонови во вкупните средства на финансискиот систем, но тие и понатаму се незначителни. За споредба, во македонските банки има околу 8 милијарди евра депозити на физички лица и правни субјекти за кои општеството не осмисли пристап за вложување на овие финансиски средства.
Коронавирусот – акцелератор на општествените тешкотии
Епидемијата на коронавирусот уште повеќе ја отежни оваа состојба на општеството предизвикувајќи тешко растројство на македонската економија, поради што експертите истакнаа дека е потребен конкретен план за она што следува дополнително. Во последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд се наведува дека Владата на Република Македонија брзо одговори со целни мерки и привремена фискална поддршка за да ги амортизира социјалниот и економскиот удар, со намера да ја заштити ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и помош на невработените. Исто така, во извештајот се соопштува дека Народната банка ги намали каматните стапки и направи измена на регулативата со стремеж да им овозможи на банките да го реконструираат долгот на граѓаните и компаниите. Последиците изискуваа брзи решенија и мерките се краткорочни бидејќи имаат цел да ги санираат настанатите штети, но општеството има потреба од долгорочна развојна стратегија и платформа, бидејќи набргу ќе се постави прашањето: што по коронавирусот?
Консензуална развојна стратегија, прв чекор за одржлив развој
Развојната стратегија на надлежните државни институции треба да биде донесена во консензус на сите чинители во општеството – политичките партии, етничките заедници и бизнис-заедницата, а наедно ќе биде потребно и усогласување со Европската Унија и со преостанатите стратегиски партнери. Слично како на програмите на повеќе државите во развој, македонската платформа ќе треба да се стреми кон одржлив и човечки развој, подобро образование и здравствена заштита, зголемена култура, свест и сл.
Одржливиот развој треба да ги задоволува потребите на сегашноста, без да се наруши капацитетот на идните генерации, гарантирајќи рамнотежа помеѓу економскиот раст, грижата за животната средина и социјалната благосостојба. Но засега на македонското општество му е исклучително тешко да го направи и првиот исчекор, план и стратегија што ќе бидат поддржани од сите.
Поуки од минатото
Големата економска депресија, која започна во 1929 година и имаше уништувачи ефект врз американската и светската економија, беше поттик за американскиот претседател Франклин Д. Рузвелт и неговата администрација за осмислување на нова економско-социјална платформа позната како „Нов договор“ (New Deal).
Меѓу другото, платформата се фокусираше на обезбедување работа и образование за Американците на возраст меѓу шеснаесет и дваесет и пет години, голем износ финансиски средства во форма на кредити за големите компании, помош и поддршка на граѓаните во задржување на нивните домови (Владата ги откупи хипотекарните кредити од банките, дозволувајќи им на граѓаните да ѝ плаќаат на Владата на рати, кои можат да си ги дозволат, со што истовремено граѓаните ги зачуваа своите домови и беше спречено пропаѓањето на банките), евтини кредити за земјоделците, модернизација на многу сиромашни области, јавни расходи за големи градежни проекти преку приватни компании, национална програма за повеќе од 2 милиони невработени лица (која создаде работни места за неквалификувани лица, проекти за жени, проекти за невработени уметници, музичари и писатели).
И покрај критиките, програмата на Франклин Д. Рузвелт создаде подобра рамнотежа помеѓу работничкиот труд, земјоделството и индустријата, еднаква распределба на богатството, зачувување на природните ресурси и обезбедување поголема финансиска сигурност.
Поуки од сегашноста
Многу општества што се соочија со низок економски раст, висока невработеност, слаби институции, корупција, недостиг од човечки ресурси и инфраструктура, здравство што не може да одговори на потребите на населението, политички и етнички поделби, неквалитетно образование и сл., изработија национални стратегии во форма на политичко-економски програми, кои имаат цел создавање одржлив развој, задоволување на основните потреби на луѓето и воспоставување политички практики што ќе овозможат економска, социјална и политичка одржливост.
Споменатите стратегии во себе го вклучуваат и концептот за човечки развој, кој се занимава со создавање и развој на општествена средина во која секоја одделна личност ќе може целосно да го развие својот потенцијал и да води продуктивен и креативен живот. Споменатите развојни платформи содржат установени цели, како и постојана анализа и мерење на постигнатиот напредок во остварувањето на наложените насоки.
Во 1990 година, Мохатир Мохамед ја претстави малезиската платформата „Визија 2020“, која требаше да обезбеди годишен раст од седум отсто во текот на триесетгодишен период. Саудиската „Визија 2030“ има цел да ја намали зависноста на Саудиска Арабија од нафтата и развој на здравството, образованието, инфраструктурата, туризмот и др. Стратегијата беше објавена од саудискиот принц Мохамед бин Салман и надлежните институции беа задолжени да ги идентификуваат и да ги следат механизмите што се клучни за спроведување на платформата.
Националната стратегија на Катар се стреми кон создавање напредно општество што ќе биде способно да постигне одржлив развој до 2030 година, а предвидените цели се поставени на четири развојни столба: економски, социјален, човечки и животна средина. Во 2000 година, Пол Кагаме – претседател на Руанда, создаде советнички тим со кој ги посети Кина, Тајланд и Сингапур со намера да ги анализира тамошните економски политики и реформи. Врз основа на споделените совети и искуства, Кагаме и неговите советници изработија политичко-економска програма позната како „Визија 2020“, која се состои од 44 цели. Спроведените реформи двојно ги зголемија странските инвестиции, од 800 милиони на 1,6 милијарда.
Економскиот раст во просек изнесуваше 8 отсто, за споредба во 2000 година Руанда беше меѓу десетте најсиромашни држави во светот. Националните планови за развој на Република Ирска се состоеја од големи јавни расходи најчесто за државната инфраструктура. Четвртиот ирски национален план за периодот 2007 – 2011 година предвидуваше трошење 70 милиони евра секој ден. Во 2011 година, ирскиот национален план за развој беше заменет со план за капитално инвестирање.