Во последните десетина дена стагнира бројката на новозаболени од ковид-19 во Кичево, а во исто време во пораст е бројот на оздравени лица, што се рефлектира и врз вкупниот број на активни случаи, кој бележи одреден пад. Здраствените работници во градот посакуваат да продолжи овој тренд и да се повторуваат денешните бројки, кога во Кичево се евидентирани само шест новозаболени и дури 14 озравени лица.
– Бројот на новозаболени од ковид-19 во нашата општина во последните десетина дена бележи стагнација и ако се има во предвид бројот на оздравени, тоа секако придонесува бројот на активни случаи да бележи благо намалување. Така, денес имаме само шест новозаболени лица и 14 оздравени, што придонесе бројот на активни случаи да се намалува и да забележиме бројка од 329 активни случаи.
Со денешните шестмина новозаболени, во нашата општина од почетокот на пандемијата бројот на вкупно инфицирани се искачи на 1.500 лица. Како ќе се движат бројките понатаму ќе зависи од нашата дисциплина и одговорност, дали ќе се придржуваме на протоколите за заштита или не, со други зборови нашата судбина ја имаме во свои раце – посочи Џабир Бајрами, член на Кризниот штаб и директор на Здраствениот дом.