Под 5.000 падна бројот на регистрирани активни случаи на заразени со ковид-19 во земјава, а намален е и на околу пет проценти бројот на позитивни на вирусот од направени анализи. Првиот случај на омикрон-сојот на коронавирусот во земјава е детектиран завчера кај маж кој допатувал од Велика Британија. Министерот за здравство во оставка Венко Филипче најави дека за време на празниците не се предвидуваат нови дополнителни мерки во земјава, а вакцинацијата останува единствен излез од пандемијата.
-Сметам дека сите овие мерки кои што се на сила сега кај нас се сосема доволни и не треба да се зголемува степенот на рестрикција во било која смисла, како во однос на тоа што се бара за влез во земјата, така во однос на се што важи за масовните собири, без разлика дали се тоа затворени објекти или некои настани или во угостителските објекти – рече вчера Филипче во изјава за „Канал 5“.
Инаку првиот пациент заразен со омикрон-сојот, според Филипче, е во добра здравствена состојба и со лесна клиничка слика. Тој истакна дека ниту еден од патниците во авионот со кој во земјава од Велика Британија пристигна заразениот патник, нема да оди во карантин, бидејќи се почитувале протоколите.
Многу земји во светот во пресрет на божиќните и новогодишните празници ги заострија анти-ковид мерките.