Фото: СЗО

Треба да се побара од побогатите земји да придонесат повеќе за да му се помогне на светот да се справи со пандемии, се вели во новиот нацрт-документ за кој се преговара во Светската здравствена организација (СЗО).

Земјите со поголем „капацитет и ресурси“ треба да сносат „пропорционален степен“ на одговорност за подготовка и одговор на глобалните здравствени закани, се вели во нацртот.

Целта на документот е правно обврзувачки договор за кој преговараа земјите-членки на СЗО, да се одговори на „катастрофалниот неуспех“ на меѓународната заедница да се справи со ковид-19 ширум светот, пренесува „Хина“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Ковид уби речиси седум милиони луѓе откако се појави во Кина кон крајот на 2019 година, парализирајќи ја глобалната економија и опустошувајќи ги заедниците. Пријавени се повеќе од 750 милиони заразени.

Документот од 42 страници има за цел да го направи светот повеќе одговорен во иднина. Земјите-членки имаат опција да отстранат одредени параграфи од документот во идните преговори, вклучително и оние за одговорностите.

Деловите кои се покажаа контроверзни во претходните нацрти, вклучително и оние за интелектуална сопственост, како и правото на 20 проценти од тестовите, третманите и вакцините што СЗО ќе ги дистрибуира до посиромашните земји за време на кризи, сè уште се во новиот нацрт, но може да бидат отстранети. .

Таква ставка за контрамерки за пандемијата не постоеше за време на ковид.

Се чини дека е отфрлена ставка од претходниот нацрт со кој се бара од фармацевтските компании да ги детализираат нивните договори со владите.

Документот, исто така, ја дефинира „пандемијата“ – како „глобално ширење на патоген или варијанта“ што се шири брзо, опасно е, ги оптоварува здравствените системи и бара меѓународна координација.

Документот треба да биде завршен до 2024 година.