Најновите препораки на Центарот за контрола на болести на САД ги повикуваат лицата што имаат поголем ризик за заболување од ковид-19 да преземат акција, поточно да обезбедат соодветни намирници и лекови што им се потребни. Ако се подготвувате да останете дома повеќе од вообичаено, важно е да имате здрава храна при рака, објавува „Ен-би-си њуз“.
Тоа значи дека треба да изберете храна со добра нутритивна вредност, со цел да се осигурите дека добивате доволно растителни влакна, витамини, минерали, антиоксиданси и други соединенија кои се потребни за поддршка на здравјето, но и на вашиот имунитет. Исто така, тоа значи и купување храна што ќе трае подолг временски период. Оние што се во карантин ќе треба да обезбедат храна за околу две недели.
Овошје и зеленчук
Добра идеја е да имате доволно овошје и зеленчук во вашиот замрзнувач или остава. Замрзнатите овошје и зеленчук го снабдуваат организмот со истите хранливи состојки како свежите производи, но траат многу подолго. Во однос на овошјата, најдобро е да имате замрзнати капини, јагоди, малини, ананас и манго. Покрај високата содржина на растителни влакна тие содржат фитонутриенти, и антиоксиданси кои играат клучна улога во здравјето и имунитетот.
Кога станува збор за зеленчук, најдобра опција е да имате замрзнат спанаќ, брокула, карфиол, пиперки и грашок. Набавете си ги овие намирници, бидејќи тие треба да ја сочинуваат основата на поголемиот дел од вашите оброци. Потребно е да обезбедите незасладено овошје и незачинет зеленчук или зеленчук со ниско ниво на сол, поточно натриум.
Исто така, добра идеја е да имате потешко расипливи намирници како сушено овошје и потешко расипливото овошје. Сушеното овошје како што се урми, смокви, кајсии, сливи, грозје и кое било друго суво овошје што го сакате, а не е дополнително засладено, добро е да се има. Овошје што останува свежо се бананите, јаболката, грејпфрутот, портокалот и мандарините, овие овошја можете да се чуваат подолг период. Цитрусните овошја се преполни со витамин Ц, што е клучно за да го задржите вашиот имунолошки систем во добра состојба.
Протеини и масти
Треба да бидете сигурни дека добивате доволно протеини во текот на денот, бидејќи вашиот имунолошки систем се потпира на тоа. Без доволно, можете да се чувствувате слаби и уморни. Покрај пилешкото, свинското и рибата (кои можат да се замрзнат и подолгорочно да користат), еве уште неколку други извори на протеини.
Леќата, наутот и гравот се добри извори на расителни протеини. Овие намирници обезбедуваат протеини и растителни влакна, заедно со минерали како магнезиум и калиум, кои му даваат поддршка на здравјето. Ореви, ф’стаци, кикиритки, семки и бадеми се исто така добар извор на протеини, но и на здрави масти. Можете да ги користите за зајакнување на исхраната.
Тврдите или сувите кашкавали, можат да траат повеќе од две недели се додека ги чувате правилно. Овие видови на кашкавали можат да траат уште подолго кога се замрзнати. Јајцата се најдобриот извор на чисти протеини и тие добро можат да се комбинираат со свежи или замрзнати зеленчуци. Доколку ги чувате јајцата во фрижидер можат да траат околу три недели. Варените јајца се сигурни за консумација една недела.
Долготрајното млеко е исто така добра опција да се има. Чаша млеко обезбедува осум грама протеини, што е повеќе од едно јајце, а воедно има и здрави масти. Други алтернативи кои е добро да се поседуваат се шпагети, макарони, крекери, пуканки и житарици.