Светската здравствена организација (СЗО) ја повика Русија да ги следи меѓународните насоки за производство на вакцина против коронавирусот, откако земјата соопшти дека ќе почне со вакцинирање на населението против ковид-19 во октомври.
– Понекогаш некои научници тврдат дека откриле нешто, што секако е извонредна новост. Но, меѓу пронаоѓање или индиции дека е направена вакцина која делува, и вакцина која ги поминала сите фази на клиничко испитување, има голема разлика – рекол портпаролот на СЗО, Кристиан Линдмеиер.
Руската вакцина не се наоѓа на листата на СЗО на шест вакцини кои стигнале до третата фаза на клиничко испитување.
Руските здравствени власти објавија во саботата дека се подготвуваат за масовна вакцинација против коронавирусот во октомври оваа година.
Министерот за здравство, Михаил Мурашко, рече дека први ќе бидат вакцинирани докторите и професорите, а потоа постепено и остатокот од населението.
Додаде дека клиничкото испитување на вакцината е довршено и дека во подготовка е нејзиното одобрување.
Досега Русија нема објавено и доставено научни податоци за вакцината за независна евалуација.
Истражувачкиот институт за епидемиологија и микробиологија Гамалеја во Москва уште во мај објави дека развил вакцина, за која тврди дека создава имунитет на коронавирус без негативни нус-појави.