Приказни од самоизолациjа

Без музика не ми поминува ниту ден

Во ова време на изолација, мора да најдеме начин да останеме спокојни. Јас отсекогаш сум барала нешто позитивно во секоја ситуација. Така и овој пат, времето поминато во изолација го користам за нешта што отсекогаш сум сакала да ги правам, а сум ги занемарувала поради недостиг од време и други приоритети во тој момент. Пред карантинот трипати неделно пливав и возев велосипед. Затоа сега секое утро вежбам за да останам во добра физичка кондиција и по изолацијата. Потоа, со утринското кафе, околу еден час тренирам шах, она што ми го задава тренерот Орце Данчевски. Престанатото време целосно го поминувам со семејството.

Со децата сум по цели денови, имаме време и за играње во двор, фудбал, шетање низ нашите ниви во Бардовци, возење велосипеди, учење за на училиште, но имаме време и за видеоигри бидејќи и јас сум обожавател на компјутерските игри, па заедно играм со моите два сина. Имам време и за омилените серии што си ги гледам на раат секоја вечер со чаша бело винце. Си најдов и ново хоби, а тоа е бојадисување камчиња и украсување вазни за цвеќе. Дворот и цвеќињата секојдневно ги негувам и ми даваат чувство на спокој. Се разбира, без музика не ми поминува ниту ден. Со сопругот Гино работиме на некои проекти во нашето студио. Во моментов работам на новите песни за хрватскиот пазар, кои ќе ги пласирам летово. Компонирам, аранжирам и оркестрирам едно мое ново големо дело што се надевам дека наскоро ќе ја доживее својата премиера.

Дел од времето во студио го користам и за работа на мојот докторат од областа на македонскиот фолклор. Во моментов дешифрирам и мелографирам македонски песни од регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Се разбира, ги почитуваме мерките и не излегуваме без заштитна маска. Во големите маркети пазариме поголеми количества еднаш неделно за да избегнеме метежи, а секојдневните продукти ги купуваме во маалската продавница наутро. Она што ми недостига се преостанатите членови на моето семејство, со кои секојдневно се слушаме телефонски. Се надевам дека ќе ги видам наскоро кога сево ова ќе заврши.