Ноам Чомски, познат лингвист, филозоф и еден од најголемите мислители на денешницата, рече дека коронавирусот е многу сериозен, но дека треба да имаме предвид дека ни се приближуваат уште две големи закани.
– Едната е нуклеарна војна, а другата е глобалното затоплување. Коронавирусот е ужасен и може да има сериозни последици, но ќе има закрепнување. Но по овие две закани, нема закрепнување – рече Чомски во интервју за Среќко Хорват од „Дием“.
Чомски смета дека изворот на кризата лежи во колапсот на пазарот и неолибералните политики кои ги засилиле длабоките социоекономски проблеми.
– Веќе подолго време е познато дека може да се случи пандемија како оваа, а се знаеше дека тоа ќе биде пандемија на коронавирус, модификација на она што го видовме со САРС. Требаше да се работи на вакцини, да се развие заштита од потенцијална пандемија и со мали измени ќе ја имавме вакцината денес. Но, има многу поголем профит во изработката на нов крем за тело отколку да се најде вакцина. Неолибералната чума блокираше сè – вели Чомски.
Тој потсетува дека сите знаци на предупредување биле присутни, но не се обрнало внимание на информациите.
– На 31 декември Кина ја извести Светската здравствена организација. Кинеските научници наскоро го изолирале вирусот. Земјите од тој дел на планетата започнаа да прават нешто. Во Европа, тоа се случи барем донекаде. Германија има сигурен болнички систем и можеше да направи нешто за себе. Некои други земји ги игнорираа предупредувањата, особено Велика Британија и САД – вели Чомски.
Тој верува дека има простор за оптимизам.
– Постои можност дека луѓето ќе се организираат, дека ќе работат во подобар свет, но тој свет ќе се соочи и со големи проблеми. Ова е клучен момент во историјата на човекот, затоа што е време да се сознаат длабоките недостатоци на светот, дисфункционалните карактеристики на целиот систем, кои мора да се променат. Ова е знак на предупредување и лекција што мора да ја научиме – заклучува Чомски.