Скринингот во основните училишта почнува од утре по забележаното зголемување на бројот на нови случаи меѓу децата, кажа претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски на денешната прес-конференција.
– Од утре започнуваме со скрининг на основни училишта каде што бројката на новозаразени е зголемена. Во средните училишта епидемиолошката состојба е стабилна. Но зголемените бројки во основните училишта беа аларм за да аплицираме ваков скрининг што ќе ни покаже каква е трансмисијата – вели Петличковски.
Посочи дека се обезбедени тимови, здравствени работници кои ќе го спроведат скринингот и кои согласно методологијата што е утврдена ќе ги соберат податоците, кои ќе бидат доставени на анализа во Институтот за јавно здравје и епидемиолошките служби, со цел да се обезбеди нивна статистичка обработка и да добиеме реална слика за тоа како се пренесува вирусот во основните училишта.
Петличковски рече дека скринингот ќе се одвива во училиштата, а родителите кои во текот на денешниот ден добиле изјава за согласност дека се согласуваат нивните деца да бидат тестирани со брз тест тие ќе бидат тестирани во училиштата и нема потреба да ги носат во центрите за јавно здравје како што првично планиравме.
– На овој начин сакаме да им олесниме пристап до тестовите и тоа да биде со минимум компликации по нив – додаде Петличковски.