Шеесетгодишник од Херцег Нови е прва жртва на коронавирусот во Црна Гора, објави црногорскиот Институт за јавно здравје во неделата на полноќ.
Утврдено е дека пациентот бил во Србија во првата половина на март, каде што веќе биле потврдени случаи на коронавирус, додека првиот случај на коронавирус во Црна Гора бил пријавен на 17 овој месец.
– Пациентот беше примен во Клиничкиот центар на Црна Гора со хронично заболување на белите дробови вчера по полноќ. Брисеви се земени по пристигнувањето на пациентот, а анализите потврдија дека пациентот има ковид-19 – рече Јевто Ераковиќ, директор на Клиничкиот центар на Црна Гора.
Директорот на Институтот за јавно здравје, Бобан Мугоша, рече дека со починатиот бројот на заразени во Црна Гора со коронавирус е 22.
Синоќа во Црна Гора стапи во сила нова мерка која ги обврзува сите верски заедници да вршат верски церемонии на верски места исклучиво без присуство на граѓани.
Одлуката е донесена откако било откриено дека околу 1.350 луѓе присуствувале на верски церемонии во неделата.
– Ако само едно лице на овие собири било носител, Црна Гора се соочува со неконтролирано ширење на вирусот – објави Националното тело за координација на инфективни болести.