По завршувањето на пандемијата, Црна Гора ќе биде домаќин на повозрасните италијански државјани во установи на крајбрежјето, најави премиерот Душко Марковиќ.
        
– Драго ми е што премиерот на Италија, Џузепе Конте ја прифати мојата понуда Црна Гора, кога ќе има можност за тоа, да биде домаќин на постари граѓани, особено од Ломбардија, во нашите установи на крајбрежјето – напиша Марковиќ на Твитер.
        
Како што рече, Црна Гора ја поддржува Италија и најранливите категории во нивното лично и социјално закрепнување. Марковиќ истакна дека Црна Гора особено цени дека Италија, дури и кога беше најтешко погодена од пандемијата, понуди помош преку НАТО за транспорт на медицинска опрема.
        
– Верувам дека и овој посебен гест на Црна Гора, како што истакна Конте, ја потврдува посветеноста на нашата земја во духот на солидарност да ја поддржи Италија и европската борба против пандемијата – додаде Марковиќ.