Во Словенија, во последните 24 часа не е потврден нов случај на инфекција со коронавирус, што е четврти ден по ред без новозаразени, објавија денеска словенечките власти.
Во моментов се хоспитализирани 17 лица, од кои тројца се на одделенијата за интензивна нега, а еден од нив е на респиратор. Бројот на хоспитализирани поради ковид-19 во земјата продолжува да опаѓа.
Бројот на починати во последните 24 часа е зголемен за две лица, така што во земјата има вкупно 107 смртни случаи од почетокот на епидемијата.
Како дел од мерките за олабавување, од утре во Словенија почнува и наставата за завршните одделенија во основните училишта. Најавено е дека Владата следната недела ќе расправа за можноста и децата од сите останати одделенија во основните училишта да се вратат на настава, со мерки за препазливост и со помали групи во училниците.