Поради наглото влошување на епидемиолошката состојба, словенечката влада денеска одлучи да воведе построги рестриктивни мерки кои ќе стапат во сила од понеделник, а не се исклучени и нови доколку продолжат негативните трендови.
Од понеделник сите ученици и студенти кои се „самотестираат” за да можат да посетуваат настава, тоа во иднина наместо еднаш ќе треба да го прават два пати неделно. Дополнително, од понеделник се воведуваат почести редовни задолжителни тестирања во здравствените и социјалните установи, а маски ќе треба да носат и вакцинираните, доколку се во директен контакт со други лица.
Сопствениците на локали ќе треба да ги контролираат ковид-пропусниците на посетителите, а доколку одбијат да ги покажат или да се идентификуваат, да им се забрани влезот, во спротивно тие се одговорни, беше речено на владината прес-конференција.
– Епидемиолошката слика е лоша, се движиме кон најлошата состојба во епидемијата досега, изјави министерот за здравство Јанез Поклукар. Доколку ситуацијата не се промени и ако бројот на лица хоспитализирани на интензивна нега поради Ковид-19 се зголеми на 160 до 180 (во моментов 133), тоа би значело можно затворање на делови од општествениот живот – додаде тој.
Поклукар предупредува дека, со тренд од 3.000 или 4.000 новозаразени дневно, ова е последен момент за „да се спречи Бергамо и колапс на здравствениот систем”, пренесува Хина.
Шефицата на владиниот експертски тим за ковид-19, Матеја Логар, изјави дека е можно како последна мерка да се овозможи работа и слободно движење само за оние кои се вакцинирани против ковид-19 или кои оздравеле и имаат имунитет, и воведување на онлајн-часови или задолжително тестирање за сите ученици и студенти.
Поради тешката состојба и приливот на нови пациенти, најавено е дека ќе бидат отворени уште две болници за пациенти со ковид, па од следната недела ќе ги има 15.
Владата денеска соопшти дека за 24 часа имало 3.166 нови инфекции, што е голем пораст на бројот на заразени во споредба со пред една недела, кога беа регистрирани 2.145.
Досега во Словенија се регистрирани повеќе од 3.000 новозаразени само на 5 јануари, кога имало 3.428, а загрижувачки е растечкиот удел на позитивни тестови – во последните 24 часа имало 38,1 отсто.
Во словенечките болници во моментов има 526 пациенти со коронавирус, од кои 133 се на одделенија за интензивна нега, а за 24 часа имало девет смртни случаи од последиците од ковид-19, соопшти претходно Министерството за здравство.