Бугарскиот министер за здравство, Костадин Ангелов, ја критикуваше „Астра зенека“ за неуспехот да ја испочитува договорената испорака на вакцини.
Бугарија исто така побара итна распределба на 52.800 дози, кои се одложени за 1 март, со порака дека оваа фармацевтска компанија му ја одзела надежта на бугарскиот народ.
Со остар тон, Ангелов напиша дека неуспехот на „Астра зенека“ да ги достави договорените вакцини ја компромитира масовната кампања за вакцинација што Бугарија ја започна минатата недела, објави „Ројтерс“.
– Со недостигот на вакцини кои требаше да бидеат испорачани од вашата компанија, пораката која вашата компанија ја испраќа до бугарскиот народ звучи вака – „Астра зенека“ ја одзема надежта од вашите раце – наведува Ангелов во писмото.
Многу Бугари побрзаа да земат вакцини во саботата, зголемувајќи го бројот на имунизирани граѓани, но брзо останаа без дози на „Астра зенека“.
Британско-шведската компанија и соопшти на Европската унија дека ќе ги намали испораките за 60 проценти поради проблеми со производството.
Според шемата на ЕУ, Бугарија нарача 4,5 милиони дози од вакцината „Астра зенека“, кои треба да пристигнат во следните седум месеци.
Во февруари требаше да пристигнат 450.000 дози, а испорачани се 117.000 дози.
Испораката на 142.400 дози, потврдена на 15 февруари, сега е поместена за 1 март и е намалена за две третини, се вели во писмото на Ангелов.