Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на седницата на српскиот парламент рече дека се создадени сите услови за да се стави крај на вонредната состојба воведена поради пандемијата на коронавирус. Таа кажа дека вонредната состојба не треба да трае ни ден подолго од потребното.
Брнабиќ рече дека се исполнети препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за постепено ублажување на мерките, што е најважен основ за укинување на вонредната состојба.
– Доказите покажуваат дека пренесувањето на ковид-19 е контролирано. Под два, здравствените системи имаат доволен капацитет да ги идентификуваат, изолираат, тестираат и лекуваат сите случаи како и да ги следат и ставаат сите контакти во карантин, што за среќа во Србија тоа е така од првиот ден и тоа не се смени – рече премиерката.
Другите исполнети услови на СЗО се дека ризикот од епидемија е минимизиран во ранливите региони, потоа дека се применуваат превентивни мерки на работните места, како и дека се управува со ризикот од импортирање и експортирање на заразата од заедници со висок ризик.
Брнабиќ додаде дека последниот услов е локалните заедници да учествуваат во транзицијата кон поблаги мерки.