Србија со секоја вакцина ја менува својата меѓународна репутација, покажувајќи дека вакцина-дипломатијата не служи само за интересите на светските сили, пишува „Фајненшл тајмс“ во колумната насловена „српската вакцина-дипломатија ја посрами ЕУ“.
Минатат година, српскиот претседател Александар Вучиќ нарача милиони вакцини од Истокот и од Западот. Како резултат на тоа, Србија е меѓу првите европски држави што употребува вакцини произведени во Кина, заедно со руската „спутник“, „Астра зенека“ и со „Модерна“. До средината на месецов, во Србија се дадени речиси 43 дози на секои сто луѓе, во просек.
Но, Србија има и население кое е скептично кон вакцинацијата, па Белград одлучи да ги подели вакцините и десетици илјади луѓе од Балканот отидоа во Србија за да се вакцинираат. Многумина во регионот го гледаат успехот на Србија во вакцинацијата со благодарност, но сепак, постои и фрустрација што зависеа од Белгррад, а не од сопствените влади или од ЕУ.
На почетокот на март Вучиќ лично достави 10 илјади дози на вакцината на „Астра зенека“ на БиХ, откако имаше слични донации на Црна Гора и на Македонија. Неговата влада продолжува да донира вакцини низ Балканот, додека ЕУ и даде 49.800 дози на БиХ кон крајот на март, преку системот „Ковакс“.
– ЕУ загуби значителен дел од нејзината мека моќ – вели поранешен дипломат од Западот кој живее во Белград, цитиран во колумната.
– Ваквото позиционирање на Белград како центар на регионот, потсетува на друга ера, кога по Втората светска војна, како главен град на СФР Југославија и центар на движењето на неврзаните – политиката на балансирање од страна на Јосип Броз Тито за задржување на неутралноста во Студената војна, и овозможи на државата да оствари глобално влијание – се заклучува во колумната.