Србија воведе забрана за движење од сабота во 13 часот до понеделник во 5 часот, соопшти синоќа претседателот Александар Вучиќ.
Од вчера вечерта е забрането и собирање на повеќе од две лица на едно место. Забраната за движење не важи за пензионерите кои можат во недела наутро од 4 часот да одат во продавница.
Воведена е и мерка со која од сабота од 23 часот до 1 часот сопствениците на кучиња да можат да ги шетаат, но само на оддалеченост од 200 метри од нивните домови.
– Во наредните 72 часа очекуваме забрзување во смисла на бројот на заразени, за жал се очекува и зголемување на бројот на починати – рекол Вучиќ.
На распиратор се приклучени 81 лице заболено од коронавирус, а вчера починаа три лица. Најголем број случаи има во Белград, Ќуприја, Чачак и Ваљево.
Денеска во Србија ќе пристигне авион од Русија со осум лекари и медицински персонал со своја опрема – распиратори и медикаменти.
Според Вучиќ, има меѓу 24.000 и 32.000 заболени од оние кои влегле во Србија изминатиов месец, но како што рекол, тие луѓе не се виновни што се заразени. Навел дека со само еден случај на лице дојдено од Милано во Кикинда се поврзани пет смртни случаи.
Во Србија има 1.171 потврден случај на Ковид-19 и вкупно 28 жртви. Тестирани се вкупно 5.008 лица.