Агонијата околу набавката на вакцини за коронавирус во БиХ би можела да заврши многу скоро. Првите дози на вакцини наскоро треба да стигнат до здравствените институции. До 18 јануари, Босна и Херцеговина треба да изрази подготвеност да прими вакцини против коронавирус од програмата Ковакс, во која од неодамна се вакцините на Физер.
Првата пратка на долгоочекуваните вакцини треба да се случи на крајот на овој месец или на почетокот на следниот, а најдоцна до 10 февруари.Вакцините ќе доаѓаат сукцесивно, во помали пратки секоја недела.
На крајот на јануари треба да се набават специјални фрижидери, неопходни за складирање на некои од видовите вакцини, особено оние на Физер, кои први беа одобрени ширум светот.
Испораките на вакцини против коронавирус во рамките на програмата Ковакс, координирани од Светската здравствена организација (СЗО) за поддршка на помалку развиените земји, треба да започнат овој месец.
Оваа информација за Ројтерс ја потврди Кејт О’Брајан од СЗО, која рече дека испораката треба да започне до крајот на јануари. Ако се појават одредени потешкотии, испораката може да се очекува на почетокот и средината на февруари.
– Потребни се околу 7 милијарди долари за да доставиме доволно вакцини во овие земји до крајот на 2021 година. Околу 6 милијарди долари од вкупно 7 милијарди долари веќе се собрани преку програмата Ковакс – рече О’Брајан во своето обраќање преку Интернет.