Со писмо адресирано до претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, претседателите на парламентите од Западен Балкан побараа од Унијата помош за справување со коронавирусот.
Во писмото, Западен Балкан побара од ЕУ разгледување на вклученоста на регионот во Унијата во однос на шемата на авторизиран извоз, понатаму овозможување на Западен Балкан, доколку е неопходно, да стане дел од заедничките договори за јавни набавки за медицински противмерки и оттука да учествува во заедничката набавка на медицинска и заштитна опрема, како и разгледување на можноста за дозвола на регионот на Западен Балкан да ги пренамени постојните фондови од Инструментот за претпристапна помош (IPA II) за борба против пандемијата на коронавирусот, но и користење на сите други ЕУ фондови достапни за оваа намена.
– Бараме Западен Балкан, кој секогаш јасно и недвосмислено нагласувал дека припаѓа во Европското семејство, да биде изземен од одлуката за рестрикција на извоз на медицинска опрема од Европската Унија со цел да преку споделување на искуства и снабдување на неопходната опрема и медицински апарати, стане дел од Заедничкиот Европски Одговор во контекст на борбата против ковид-19 – се наведува во писмото.
Дополнително на предложените мерки, во име на Парламентите, се поздравува секој вид на помош која Европската Унија е подготвена да ја овозможи за регионот на Западен Балкан.
Потписници на писмото се Грамоз Ручи, претседател на парламентот на Република Албанија; Денис Звиздиќ, пpетседател на Претставничкиот дом на парламентарното Собрание на Босна и Херцеговина; Драган Човиќ, претседател на Народниот дом, Парламентарно Собрание на Босна и Херцеговина; Вјоса Османи, претседател на Парламентот на Косово; Иван Брајовиќ, претседател на Парламентот на Црна Горa, Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија и Маја Гојковиќ, претседател на Националното Собрание на Република Србија.